Нова активност на Комората за подобра промоција на медијацијата

По повод две години од основањето на Комората на медијатори во која членуваат лиценцираните медијатори, нова активност на Комората за подобра промоција на медијацијата.

Во соработка со Сојузот на Стопански Комори на Македонија, за потребите на бизнис заедницата, од денес 17.07.2019 година, ќе функционира Центар за медијација кој ќе има за цел да ја доближи медијацијата до бизнис заедницата  како поадекватен начин на вонсудско решавање на споровите.

Центарот за медијација ќе им овозможи на правните лица брзо и професионално информирање за предностите на медијацијата во однос на судската постапка, при нивното одлучување како да решат конкретен спорен однос, конкретен проблем кој произлегол од нивното работење.

Преку Центарот за медијација, деловните субјекти ќе може да се информираат  кои лица поседуваат лиценца за медијатори и се овластени за извршување медијаторски работи, како би можеле  да направат избор на медијатор кој би посредувал при решавањето на споровите за кои се одлучиле во интерес на нивниот бизнис да го решат вонсудски.

Центарот за медијација ќе им овозможи на деловните субјекти, односно на нивните одговорни лица,  да проследуваат обуки на кои би можеле да се запознаат со начинот на  спроведување на постапката на медијација, како се поведува, какви се нивните права, која е улогата на медијаторот, колку трошоци ќе се предизвикаат со медијација, за колку време би решиле еден спор со медијација, каква е правната важност на постигнатата спогодба и тн. со што ќе се овозможи согласно принципот на владеење на правото, фирмите самите да проценат дали еден спор ќе го решаваат во суд или по пат на медијација

Со промоцијата на медијацијата и со нејзино зголемено практикување, правните лица имаат можност да градат бренд на пазарот претставувајќи се како субјекти кои го заштитуваат својот интерес решавајќи ги споровите компромисно, на брз, ефикасен и економичен начин и без инволвирање на јавноста.

На денешната промоција на Центарот за медијација свое обраќање имаа потпретседателот на ССКМ Александар Милошевски и претседателот на КМРСМ М-р Славе Младеновски.
Претседателот на Комората Славе Младеновски на прес-конференција рече дека центарот ќе функционира по меѓународни стандарди и по примерот на вакви места во Европа и светот. Младеновски ги повика бизнисмените да покажат интерес споровите да ги решаваат преку медијација. Постапката во суд, според него, за кој било спор не трае помалку од една година, а најчесто и многу повеќе. Со медијацијата, пак, законски услов е постапката да заврши 60 дена, а според досегашните искуства, рече Младеновски, предметите што се решават со медијација ги завршуваат и до пет дена.

Потпретседателот на ССК Александар Милошевски соопшти дека повеќе од 20 000 деловни субјекти кои членуваат во Сојузот ќе бидат запознати со придобивките на медијацијата во центарот што се отовра во рамки на ССК.
Тој посочи дека кај стопанските спорови медијацијата е законски задолжителна ако паричното побарување не надминува 1.000.000 денари, односно странките во тој случај се должни пред поднесување на тужбата на суд да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.Серија предавања што ќе бидат организирани во првиот Центар за медијација во ССК ќе ги водат  лиценцирани медијатори и универзитетски професори. Програмата со предавања ќе им биде пратена на сите членки на ССК и ќе биде објавена на неговата веб-страница. Комората на медијатори и ССК најавија вакви центри и во други градови во земјава.