Комората на медијатори на РСМ како нова членка на Сојузот на стопанските комори, активен учесник на средбата со Претседателот Пендаровски

Денес (22.07.2019) Комората на медијатори искористи уште една шанса за успешна промоција на медијацијата.

Како една од членките на Сојузот на Стопанските Комори на Македонија и Комората на медијатори на РСМ, заедно со неколку други членки беше поканета за учество на првата работна средба на претседателот на државата д-р Стево Пендаровски со раководството на ССК, на чело со претстедателката г-ѓа Данела Арсовска, на тема за клучните приоритети на деловната заедница, како што се владеење на правото и борба против корупцијата, зајакнување на економската дипломатија, демонстрирање проактивно лидерство, како и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања.

Претседателот Пендаровски, истакна дека пред неколку дена го комплетирал економскиот тим, кој ќе му помага во истакнување на економскиот аспект на надворешните односи и на дипломатијата, а кој бил запоставуван од почетокот на нашата независност. Претседателот нагласи дека ќе настојува со него да бидат и економските министри, без разлика која гарнитура е на власт, а од бизнис секторот да добива информации за состојбите и нивните барања. Тој нагласи дека негова задача ќе биде да се намали поларизацијата и поделеноста во државата, а се со цел да се работи на подобар амбиент за компаниите.
Во фокусот на средбата беше и презентацијата на ингеренциите на претседателот во делот на економските политики.

Надоврзувајќи се токму на заложбата за намалување на поларизацијата, подобрувањето на амбиентот за стопанисување на бизнис единките како и во рамките на идното поголемо фокусирање на економските политики, Претседателот на Комората на Медијатори на РСМ, Славе Младеновски упати конкретно барање до Претседателот Пендаровски, истовремено да се залага и за промовирање на медијацијата со силна препорака кон стопанствениците и јавниот сектор за практицирање на истата, со што ќе се постигне минимизирање на конфликтноста и загубите, а зголемување на просперитетот и економски развој на деловната заедница.

Во таа насока, нагласи Претседателот на Комората Младеновски, и Владата на РСМ прави усилби, почнувајќи од усвоените стратешки приоритети на Владата во 2017 година, меѓу кои беше и унапредување на дејноста на медијаторите во РМ, потоа потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Владата на РСМ и Комората на медијатори, за на 4.07.2019, врз основа на Меморандумот, да бидат усвоени и посебни заклучоци на Владата, со кои се препорачува на органите на државната управа, другите државни институции и единиците на локалната самоуправа, при решавање на спорни прашања кои произлегуваат  од делокругот на нивното работење, да ја изберат медијацијата при решавање на споровите. 

Претседателот Пендаровски се согласи за важноста на медијацијата, впрочем, нагласи, „тоа е она што секојдневно самиот го работи“ со ветување дека секако ќе даде допринос за промовирање и развој на истата.